„Преку разгледница до инклузија“
Конкурс за фотографии од Охридско езеро, градовите Охрид и Струга, и УНЕСКО регионот
Преку вашиот фотографски објектив, доловете ја безвременската убавина на Охридското езеро, или градовите околу него, Охрид и Струга, и добијте шанса токму вашата фотографија да биде избрана и прикажана на разгледници кои ќе го обиколат светот!
Порака Нова ги поканува и охрабрува сите фотографи, аматери или професионалци, да учествуваат на овој уникатен натпревар, кој ќе допринесе да се овековечат безвременските пејсажи и културното наследство на нашите прекрасни македонски дестинации и целиот регион заштитен од УНЕСКО. Во исто време, со нивните дела, фотографите ќе допринесат во една позитивна мисија, бидејќи продажбата на разгледниците ќе биде извршена од лица со попреченост, која ќе им помогне во нивниот самостоен живот, самовработување и социјализација.
За темата
Во срцето на Балканот е сместено Охридското Езеро, со своите два бисери Охрид и Струга, кои нудат хипнотизирачки спој на природни чуда, историски знаменитости и шаренолик локален живот. Од прекрасните води што го рефлектираат небото, до древните знаменитости и шармантните езерски мали населби, овие живописни места даваат бескрајна инспирација за фотографите, кои ќе го овековечат целиот УНЕСКО регион. Ги повикуваме фотографите кои можат да ја доловат суштината на овие значајни дестинации, опфаќајќи ги нивните прекрасни пејсажи, културно наследство, секојдневниот живот и уникатен шарм, без разлика дали станува збор за волшебното зајдисонце над водата, сложената архитектура на некој историски објект, реката Црн Дрим или шарената врева низ уличките низ овие градови.
Кој може да аплицира?
Секој, буквално секој, аматер или професионалец кој веќе има фотографии на оваа тема, или пак ќе се мотивира да направи нови до крајниот рок на апликација може да се пријави. Конкурсот нема рестрикција од аспект на години, пол, националност, попреченост, итн.
Награди
Најдобрите 15 фотографии ќе бидат избрани за да се испечатат во форма на разгледници. Авторите на истите ќе добиваат 10% од секоја продадена разгледница и ќе бидат исплаќани на месечно ниво. Сите права и обврски ќе бидат регулирани со посебни договори со избраните фотографи по направената селекцијата. Нивното име, бренд/лого, вебсајт, ќе бидат додадени на задната страна на разгледницата. Преку целиот процес, фотографите и нивниот бренд ќе бидат промовирани преку кампањата за продажба. Сите пристигнати фотографии ќе бидат прикажани на виртуелна изложба на вебсајтот на Порака Нова и промовирани на социјалните медиуми. Порака Нова ќе го задржи правото да ја обработи фотографијата со цел адаптација на истата за разгледници, додавање исписи, локација, и друго.
Селекција
Селекцијата ќе ја прави стручно жири од: фотограф, археолог и културен работник.
Како да се аплицира?
- Преземете го формуларот за аплицирање и пополнете го со ваши податоци (преземи на овој линк);
- Испратете минимум 1 – максимум 5 фотографии во квалитетна резолуција .jpeg формат, преку (email attachment, zip file, dropbox, gdrive, wetransfer, other)
- Формуларот за аплицирање заедно со фотографијата/фотографиите или линк до истите треба да се испратат на следниот емаил info@porakanova.org со назнака „Апликација за конкурс за фотографија – „Преку разгледница до инклузија “.
Краен рок за аплицирање 15 Мај 2024, прогласување на победничките 15 фоторгафии на 25 Мај 2024.
Stotuku Vi isprativ .zip so pet fotografii. Se nadevam deka ke vi se dopadnaat! 🙂
Ve molam da mi potvrdite deka se stignati.
Srdecno,
Fil
Bravo,navistina ubav konkurs za najubavoto mesto vo svetot